Ѓоко Танески
Ја барам силата за финалето на Евровизија!
Од Скопје до Осло, каде во периодот од 25 до 29 мај 2010-та се одржува 55-тото издание на Евросонгот, според Гугл има 2.717 километри, па ако патувате со автомобил, и возите без запирање, што е многу тешко, ќе стасате за 30-ина часа.
На таков пат, но полека и без брзање, се решил и нашиот евровизиски претставник Ѓоко Танески, кој како учесник на првата полуфинална вечер, настапува веќе на 25 мај. Заедно со своите најблиски соработници, на пат до Осло Ѓоко тргнал во вторникот (11-ти мај), а по пат имаат намера да запрат и да ги посетат најголемите европски градови
Во изминативе седум дена агендата на нашиот евровизиски претставник беше прилично набиена, но меѓу постојаните патувања и проби, тој најде време за дружење со децата со посебни потреби, во Охрид ја славеше семејната слава Ѓурѓовден, настапи пред скопјани на прв голем самостоен концерт и ги посети највисоките црковни великодостојници, од кои доби благослов за својата мисија.
Со оглед на своите високи гласовни квалитети, не се сомневаме дека во Осло Ѓоко Танески ќе ја најде силата успешно да ја претстави Македонија...
Твојата одлука со автомобил да патуваш за Осло, за едните е совршена авантура, а за другите луциден и опасен чекор, но сите се согласни дека со овој потег ќе изнудиш симпатии, а можеби и некој поен плус, кај сите кои на сличен начин размислуваат како тебе...
Идејата потекнува од еден мој пријател, а со оглед дека јас многу патувам, тоа за мене не претставуваше никаков проблем. Напротив, мојата интенција е да посетам што повеќе земји и градови, а бидејќи фотографијата ми е хоби, тие средби да ги забележам со својот полупрофесионален фотоапарат. За пат до Осло на располагање имаме 3-4 дена, па ова патешествие за мене претставува совршена авантура. Имено, наша обврска е да стигнеме на првата проба и на првата прес-конференција, закажани за 17. мај, па се што би било пред тој датум, е време плус за одмор и адаптација.
Што сa е во агендата на патувањето?
Со нас носиме и камера, за да ги забележиме сите најважни моменти, што значи дека имаме амбиција од ова да излезе и еден симпатичен документарен филм. Планираме да запреме во Виена, и да ги забележиме убавините на тој град, а ќе ги посетиме и Прага, каде што ќе спиеме, па Берлин, Малме...
Дел од екипата патува со тебе со автомобил, а останатите со авион. Кој ќе биде во твоја придружба?
Со мене ќе бидат раперот Били Ѕвер, мојот пиар Ема Темелковска и пријателот Зафир. Одиме со шевролет круз, што значи дека ќе имаме удобно патување.
Некаде прочитав дека во Осло ќе допатува и твоето семејство?
Моите најблиски ќе допатуваат во Осло, но некаде пред првото полуфинале, бидејќи за нивните обврски ова би биле премногу денови. Ќе дојдат моите двајца браќа, нивните деца и мојата сопруга Розе. И тие ќе патуваат со автомобил, поточно со два автомобила... Ќерка ми Анастасија има две и пол години и уште е мала за ваков напорен пат...

Безмалку три месеци од националниот Избор, си се запрашал ли што воопшто во животот ти требаше Евровизија? Колку добро, а колку лошо досега ти донесе титулата национален претставник?
Сум се запрашал многу пати, и веројатно на тоа ме натера општата ситуација и криза која, ете, не ја одмина ниту Македонија. Заради концертот во Скопје, од домашниот избор наваму ги откажав сите клупски настапи, додека низ Македонија настапував редуцирано. Заради Евровизија имам многу повеќе обврски, па во овој период се откажав од еден куп работи кои беа дел од мојот живот. Еве, на пример, после ручек порано имав обичај да дремнам едно 2-3 часа, а сега немам време ни за ручек... Најпосле, по Евросонг во Осло ќе видам дали вредеа сите овие жртвувања...
Какви се твоите очекувања од Евровизија? Веруваш ли во себе, во тимот, во песната...?
Верувам сто проценти и во себе, и во тимот, и во песната, која беше работена со мои сугестии! Види, јас на Евровизија бев и 2005-та, како придружен вокал на Мартин Вучиќ, и тогаш посакав еден ден и самиот да бидам дел од таа голема сцена. Во 2006-та се пријавив со песната на Симон Трпчески, но не успеав да бидам дел од Изборот, иако таа песна годинава ја пееше Александар Белов, кој помина многу добро. Искрено, малку бев изреволтиран поради фактот што не сум дел од Изборот во 2006-та, и си ветив себеси дека нема да се пријавувам сe додека не ја најдам вистинската песна. Тоа се случи годинава со авторот Кристијан Габроски, со кого, ете, успеавме да стигнеме до победа.
Во времето кога Македонија ги води најтешките битки за своето име, луѓето како да се пронаоѓаат во зборовите од песната Јас ја имам силата! Впрочем, и рекламата за твојот концерт беше Ѓоко Танески - човекот кој ја има силата!. Колку ти лично се идентификуваш со оваа песна?
Многу! И, навистина ми е мило што и самиот наслов ги поттикнува луѓето на идентификација за името Македонија! Искрено се надевам дека ќе најдеме сила барем за пласман во евровизиското финале!
Тоа се твоите стремежи?
Како поминува времето, страв ми е тоа да го изговорам, но лично, од внатре чувствувам дека не само што ќе влеземе во финале, туку и ќе бидеме меѓу првите пет на главната вечер! Но, како ќе биде таму - со Господ напред!

Претставува ли некој хендикеп што во овој, предевровизиски период, имаш посетено мал број земји, каде можеше да ја промовираш Силата?
Јас не знам каде сe претходно патуваа моите колеги, но заради општата кризна состојба, јас ги посетив Албанија, Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина. Се испостави дека буџетот на Македонската радио-телевизија е ограничен и дека според нивниот правилник, и ова не е нивна обврска, но, ете, излегоа во пресрет. Првичниот план беше да посетиме што повеќе земји кои се наши директни конкуренти на првата полуфинална вечер, и да се обидеме да излобираме што подобро место кај нивната публика. Таков е случајот со Србија, Албанија и Босна, додека со Бугарија, се надеваме, се гледаме на финалната вечер. Којзнае што сe ќе излезе од овие соработки, но во план е снимање дует со бугарскиот претставник Миро, и мојата понатамошна промоција во Бугарија.
Имаше ли некакви контакти со Грците?
Нивниот фан-клуб преку нет побара размена на материјалите, па снимивме изјава во која јас ги поздравувам. Прашавме - Да доаѓаме, да доаѓате, но кажаа дека нема потреба од тоа! Но, и ова е успех, нели?!
Од кое патување носиш најубави впечатоци?
Ме изненади пријатно организацијата во Сараево, каде бевме гости на нивниот Избор, и каде сe беше одлично одработено. Добро беше и на сите други места - во Тирана, Софија и во Белград. На српскиот претставник, како што пренесоа медиумите, јас му подарив златник за среќа...
Имаше ли возвратен подарок од него?
Немаше, но јас тоа и не го очекував...
Евровизискиот спот за песната која ќе ја пееш во Осло, а е дело на Бане Поповиќ и Томато продукција, предизвика различни коментари во јавноста. Додека едните сметаа дека е прекрасно што толку многу убави жени земаа учество во него, на другите им пречеше што ти се појавуваш многу малку. Потоа, некои сметаа дека на крајот не требаше да пишува Моето име е љубов, туку Моето име е Македонија...
Спотот е сосема ОК. Сработен е според моите желби, иако идејата беше на Бане. Не дека не сакав да ги има убавините на Македонија, но нив ќе ги има во документарците за Охрид, за Скопје и за Македонија, кои ќе бидат пуштени на македонската вечер...
Бидејќи си охриѓанец, многумина очекуваа дека спотот ќе се снима во Охрид!?
Повеќе нема потреба од тоа, затоа што Евровизија ги прерасна стереотипите! Од таму веќе излегуваат песните, кои стануваат хитови и на глобално, а не на локално ниво.
Кој е фидбекот кој ти, како изведувач, можеш да го очекуваш од Евровизија?
По неколку години никој не се сеќава кој на кое место бил, но ако се претставиш добро, и ако оствариш извесни контакти, тоа може да биде многукратно од корист. Сепак, сето тоа зависи од мојата флексибилност и од мојот начин на комуникација. Ако таму останеме затворени во себе, ништо нема да постигнеме. Најпосле, во таа манифестација се инволвирани еден куп луѓе, автори и композитори, продуценти и менаџери, што за еден пејач претставува извонредна можност за своја промоција.

Со оглед дека зад тебе не стои продуцентска куќа, за што подобар контакт со медиумите ангажираше пиар служба, која ја води Ема Темелковска, и која иако за прв пат се среќава со естрадата, одлично ја заврши работата?!
Моите претходници главно беа дел од продукциите, кои ја вршеа целата работа, но Ема одлично знаеше што мене ми треба во овој предевровизиски период. Ја осмисливме кампањата Една поинаква приказна - Осло 2010, отворивме канцеларија-штаб од која комунициравме со јавноста, и мислам дека успеавме во нашата мисија... За Ема ова беше предизвик, со кој се фати во костец, и излезе како победник!
Евровизија е само едно камче во мозаикот на твојата долгогодишна кариера. Паралелно тече и промоцијата на албумот Никогаш доста, објавен лани...
Па, Евровизија е одлична промоција и можност да ги претставам и тие песни, на што поголем аудиториум...
Значи ли тоа дека интересот за тебе е зголемен, а со самото тоа и цената за настап?
Интересот е зголемен, но не е време за зголемување на цената, бидејќи клубовите буквално преживуваат. По ударот задобиен со Законот за пушење, на кој се накалеми рецесијата, сите одвај врзуваат крај со крај... Затоа и се прашувам - зошто токму оваа година, кога нема пари и с? е потешко, ми дојде редот да пеам на Евровизија?!
Верувам дека долгогодишното клупско искуство и непосредните контакти со публиката, ќе ти помогнат без трема да излезеш на големата сцена во Осло?
Тешко е на таква сцена да излезеш без трема. Со Мартин Вучиќ бевме јас и Дејан Бобиќ - Дексо како бекап, па ниту ние, а ниту тој имаше трема. За оваа година не можам да гарантирам, иако се надевам дека сe ќе биде ОК!

Постои ли некој ритуал, некоја мантра, што обично ја правиш пред настап, која ќе ја направиш и во Осло?
Искрено не! Оставам сe да биде спонтано, бидејќи верувам во Марфиевите закони дека на крај сe испаѓа спротивно од очекуваното. Затоа и не правам планови на долги патеки.
Сепак, на што се надеваш по Евровизија?
По враќањето од Осло, на почетокот на јуни, планирам еден добар 10-дневен одмор со семејството, а летово продолжувам со настапи и со подготовка на третиот албум. Се надевам дека контактите во Осло ќе ми помогнат да ја развијам својата кариера и надвор од Македонија.
Каква беше во овој период поддршката од сопругата Розе и ќеркичката Анастасија?
Феноменална и максимална. Живееме напоредно на релација Охрид - Скопје, но периодов тие повеќе беа во Охрид. Розе е одлична сопруга и мајка која до крај ја разбира сериозноста на моментот и совршено ги балансира работите.
Што можеме да очекуваме од твојот изглед на сцената во Осло?
За тоа се грижи тимот на Елена Лука. Јас ќе бидам во црн костум, кој е класика за сите времиња...
Иван Беќковиќ Tea модерна
Датум:
12.05.2010.
|