Григор Копров
Од Охрид-фест сакам да направам Сан Ремо!
Григор Копров е најдобар пример дека фразата На младите светот останува и не е секогаш до крај точна. Иако повеќе од три и пол децении е еден од главните актери на домашната сцена, овој 58-годишник со исклучителна леснотија и невиден ентузијазам, сa уште максимално c се дава на својата голема љубов - музиката!
Домашните и регионалните фестивали, топ-листите, националните избори за песна на Евровизија..., речиси и не можат да се замислат без Григор Копров, а кариерите на некои важни луѓе од македонскиот музички свет (Маја Оџаклиевска, Калиопи, Владо Јаневски, Тоше Проески...), трајно ги одбележаа неговите евергрини.
Во кариерата на Копров се запишани и три учества на Евросонг (два пати неговата песна ја претставуваше Македонија, а еднаш Црна Гора), неколку стотини поп и фолк-композиции, и секако македонскиот Сан Ремо - фестивалот Охрид-фест - Охридски трубадури, кој полека станува еден од најважните музички настани во регионот...
Последниве две-три недели неколку пати престојувавте во Загреб, а фактот дека во ек се подготовките за 17-тото издание на Охрид-фест, ме наведува да Ве прашам дали посетите на хрватската метропола се поврзани со претстојното издание на фестивалот?
Причина за моето одење во Загреб минатата недела беше помен во чест на мојот драг и прерано починат пријател, аранжерот и продуцент Мато Дошен. Престојот го искористив и за потпишување договор со Си-ем-си - музичка телевизија која ќе ги пренесува сите четири дена на Охрид-фест 2010. Станува збор за исклучително важен медиум, кој не само што го гледа цела Хрватска, балканскиот регион и Европа, туку допира и подалеку - до Америка и Австралија. Си-ем-си телевизија е во сопственост на Кроација рекордс, па договорот го потпишав со нивниот директор, респектираниот Желимир Бабогредац.
Промоцијата на Охрид-фест е многу важна не само за фестивалот и за Охрид како град, туку за Македонија во целост. Оттаму, кога здружено сигналот ќе го пренесуваат 12 ТВ-станици, меѓу кои: Македонската телевизија, ТВ Балканика од Бугарија, Си-ем-си од Хрватска, па телевизии од Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора, добиваме шанса за нашата земја да слушне целиот свет. Тоа е огромна бесплатна реклама, за која, да се плаќа, би ни требале стотици илјади евра. Милиони...
Пред секоја фестивалска вечер, преносот ќе започне со седумминутен документарец за Охрид, за неговите природни убавини и раскошна културна баштина. Ако една секунда реклама на ХТВ чини 400 евра, за седум минути реклама за Охрид би требале да платиме еден куп пари, а помножено со четири емитувања на документарецот, бројката станува енормна. Е, за нешто што чини многу пари, ние ништо нема да треба да платиме, а ни се отвора можност за феноменална промоција...
Го спомнавте заминувањето на Мато Дошен, Ваш долгогодишен пријател и соработник. Со оглед дека заедно со Синиша Шкарица, балканскиот дискографски гуру, ја водевте комеморацијата за Мато, верувам дека неговата смрт многу Ве погоди...
Господ ни одредува браќа и сестри, но оние што самите ќе ги одбереме за нас се вистинските. Таков беше и мојот однос со Мато - вистински и братски. Тој беше човек пред своето време, што го докажуваат хитовите кои тој ги направи за Мишо Ковач, Неда Украден, Арсен Дедиќ, Магазин, Дорис Драговиќ... Најпосле, и Џули на Даниел, веројатно најголем ексјугословенски евровизиски хит, излезе од работилницата на Дошен.
Во аналите на македонската музика ќе останат забележани неговите врвни аранжмани за Лео на Калиопи, Анушка на Ана Костовска, Сребрени улици на Маја Оџаклиевска... И денес кога ќе се слушнат тие песни стари и до две и пол децении, сите ќе се согласат дека сe уште звучат модерно и свежо...
Верувам дека Охрид-фест ќе најде начин да му оддаде чест на Мато Дошен, за сa што направи за промоција на македонската и балканската музика?!
Секако! Советот на фестивалот одлучи првата награда за најдобра песна, според стручното жири на Интернационалната вечер, да го носи името токму на Мато Дошен.
Последниве години заминаа некои многу важни луѓе од музичкиот свет во регионот, кои Ви беа блиски соработници и пријатели. Го спомнавме Мато Дошен, но тука се и Тоше Проески, Ѓорѓе Новковиќ, Владимир Савчиќ - Чоби, Дино Дворник, Зденко Руњиќ... Како ги доживеавте сите овие разделби?
Премногу тешко! Постоеше еден фестивал кој се одржуваше во Опатија - Дани југословенске забавне музике, на кој се дружевме сите од поранешната држава. Тука се создадоа пријателства за цел живот и соработки кои ги одбележаа нашите кариери. Тоше дефинитивно беше личност со која јас се гордеев и најдобар репрезент на нашата земја во регионот. Никогаш нема да го заборавам концертот на Тоше во Белград, во престижниот Сава центар. Со само два албума зад себе, кои беа на македонски јазик, Тоше имаше свои фанови во Србија. Претходно никој што пееше на македонски јазик, немаше толкава популарност во регионот, каква што имаше Тоше...
Со своја изведба, пејачот треба да ја пренесе емоцијата која во песната ја оставил композиторот. Со своите изведби на мои песни, Тоше направил и повеќе од тоа. Неговото заминување е голема загуба и за семејството и за општеството. Кога требаше да живее и да му се радува на успехот, се случи трагедијата... Страшно!
Зошто Вашата соработка не продолжи и подоцна во неговата кариера, туку запре по првите два албума, снимени во 1999 и 2000 година?
Јас и Тоше никогаш не престанавме да бидеме пријатели, а еден месец пред трагичната сообраќајка, ми се јави со желба да се видиме. Се сеќавам - уште по првата соработка, кога ја снимивме Усни на усни, јас видов дека нешто се случува, а откако ги снимивме и Сонце во твоите руси коси и Твоите бакнежи на моите бели кошули, Тоше беше мегаѕвезда. Секако, успехот продолжи и со вториот албум на Тоше, каде се најде дуетот Немир со Каролина Гочева, па Излажи ме уште еднаш, Во коси да ти спијам...
Но, тогаш му заврши договорот со Авалон продукција, кои многу направија за неговата кариера, а менаџментот го презема Љиљана Петровиќ, која како да сакаше целосно да го избрише неговото музичко минато, со намера да докаже дека неговата кариера започнува со неа. Меѓу мене и Љиљана се создаде јаз – јас не сакав да се наметнувам, а таа не покажуваше иницијатива за соработка со мене. Настрана, јас и Тоше останавме да контактираме, а во мојата фиока се редеа песни кои ги чував за него... Потајно се надевав дека ќе ја возобновиме соработката...
Секако, следев сe што тој снимаше по вториот албум Синот Божји, но за жал само три песни кои ги сними мислам дека беа достојни на неговите можности – Чија си, Арија со Џана Нанини, а откако загина и Игра без граница. Само зад овие песни јас би го ставил својот авторски потпис. Многу ми е жал што Тоше последниве години не добиваше песни какви што заслужуваше!

Остана ли некоја анегдота со Тоше која досега не ја споделивте со никого?
Првиот албум Некаде во ноќта го снимавме во пролет 1999 година, во екот на НАТО-бомбардирањата врз Србија и Црна Гора. Тоше тогаш имаше девојка во Белград со која се слушаше секоја вечер, и за која постојано стравуваше. Ме замоли да и посветиме песна во која ќе бидат опишани сите негови стравови за неа, па така настана темата После дожд доаѓа сонце, за која извонредниот текст го напиша Огнен Неделковски, а аранжманот Кокан Димушевски. Рефренот беше толку убав, што и албумот го нарековме според ударните зборови Некаде во ноќта - Некаде во ноќта таа писмо пишува, и во мисли со мене се љуби. Упорно кај неа цела ноќ се јавувам, гласот мој како воздишка се губи...
Вие како композитор постојано сте во потрага по нови изведувачи кои би ја донеле емоцијата што ја носи Вашата песна. Колку тоа бескрајно барање е тежок процес?
Чувствувам потреба да појаснам некои работи. Секој родител му посакува на своето дете се најдобро. Така и Никола Проески, кога ми се јави со желба Тоше, тогаш се уште неафирмиран, да ги пее моите песни, имаше намера неговото дете да го добие најдоброто за себе. Никола знаеше кој е Григор Копров и што се неговите песни можат да направат за неговото дете. Таа 1998 година, на националниот Евросонг првите три места ги освоија моите песни кои ги пееја Владо Јаневски, Сашо Гигов - Гиш и Дуле и Коки. Од 20 песни, песната што ја пееше Тоше беше 18-та или 19-та... Со ова сакам да кажам што на пејачот му значи песната. Џабе му е на Шумахер што е тоа што е, ако му дадете да вози фиќо! Па што тој врвен возач би можел да направи со тоа возило, и до каде би можел да стаса со него?
Вашата кариера ја одбележаа песните за Тоше Проески, Калиопи, Маја Оџаклиевска, Владо Јаневски..., и за кого уште не...
Кај нашите автори на времето постоеше мислење дека македонскиот јазик не е доволно добар, затоа нашите песни не поминуваат на просторот на Југославија. Во проектот Калиопи, ентузијастички работев цела година, бидејќи верував во него, и им го докажав спротивното, дека и ние можеме да бидеме победници. Кај мене дома, во 60 квадрати, каде што живеев со сопругата, децата и родителите, ги собрав Калиопи, Ромео Грил, Марга Весковска и Зоран Ристовски и секојдневно работев со нив. Но, се исплатеше уште со првата песна Томи, која стана македонски мегахит, а на фестивал во Опатија со Лео тие ја воодушевија публиката. Подоцна, Да море зна на Сплитски фестивал беше оценета како голем хит, а Остани во мене евергрин кој нема век на траење...
Остани во мене неодамна ја снимивте со Наде Талеска и Жак Худек, и веднаш се поделија реакциите. Додека едните сметаа дека на оригиналот ништо не може да му се доближи, другите тврдат дека е направен одличен римејк.
Во право се и едните и другите. Па, и Јестрдеј доживеа милион препеви и верзии, но сите ја паметат само онаа на Битлси... Само првата изведба останува, иако Жак и Наде, во аранжманот на Владимир Дојчиновски, песната ја донесоа до совршенство.
Тврдите дека Наде Талеска е најдобриот македонски женски вокал во моментов?
Не само во Македонија туку и на Балканот! Таа е женскиот Тоше, без дискусија. Сите важни пејачи од овие простори поминаа низ моите раце, и јас знам како стојат работиве. Но, се на крај зависи од нивната амбиција, во овој случај од амбицијата на Наде Талеска. Јас можам да откријам дека Наде и Жак со Остани во мене годинава ќе настапат на Сунчане скале, а таа ќе земе учество и на Охрид-фест 2010. Во план е и албум планиран за крајот на оваа, или почетокот на следната година...
Избор за песна на Евровизија е важен дел во Вашата кариера. Два пати Ваша песна ја претставуваше Македонија (Владо Јаневски и Каролина Гочева), а еднаш Црна Гора (Стефан Филиповиќ). Во поранешна Југославија, два пати за само еден бод Ви бегаше победата, а со тоа и можноста да одите на овој голем натпревар. Оттаму, дали Евровизија Ви донесе повеќе добри или лоши работи?
Евровизија е меч со две острици. Ако не влезете во финале, веднаш сте губитник. Тоа не е страшно, но ние така ги доживуваме работиве. Со Каролина баш пред некој ден ги евоциравме спомените од 2007-ма, кога од 27 земји, таа во финалето влезе како осма. Е, тоа е нашиот најголем успех, бидејќи и во годината кога не претставуваше Тоше, во финалето влеговме како десетти. А таа година со Каролина, диџеј Бобо, кој е европска ѕвезда, не успеа да се избори за пласман во финалето, како и претставничката на Белорусија - Ангелика Агурбаш, која потроши многу пари за својата предевровизиска кампања...
Ги спомнавте Каролина и Авалон продукција... Заеднички ја докажавте онаа старата Не постојат вечни пријатели и вечни непријатели. Вечен е само интересот. Една година пред Евровизија 2007-ма, имавте жестока расправа по медиумите, а подоцна, како ништо да не било, влеговте во заеднички проект...
Ние немавме недоразбирања. Тие едноставно се налутија затоа што, како член на жири на Сунчане скале, на песната што ја пееше Каролина и дадов мал број поени. Но, тука постои една друга работа - јас, кога сум член во некое жири треба да го покажам своето знаење, вкус и естетика. Мене ме гледа голем аудиториум, и врз моето гласање луѓето градат слика за мене. Затоа, јас кога излегувам во јавноста во такво својство, се обидувам да немам никакви влијанија. Мене едноставно не ми се допадна песната со која Каролина настапи на фестивалот. Таа композиција за мене беше народна песна.

Обично не ги коментирате одлуките на жирито, но годинава, по националниот Евросонг, јавно излеговте со критика упатена до членовите на жири-комисијата...
Па, не може некој кого јас во студио го учам како да пее, да седне и да ја оценува мојата работа. Или некој почетник, некој на кого таму не му беше местото... Тоа е исто како сега јас да земам да го оценувам делото на Милчо Манчевски... Тоа е недопустливо!
Како Вие, кој важите за еден од најдобрите домашни музички автори, се снаоѓате во ова време-невреме?
Јас не живеам од музиката, но живеам за музиката. Но, кај нас сите мислат дека за музика не треба да се плати. А, за секое авторско дело е вложен труд кој мора да се вреднува.
Важите, несомнено, за еден од петте најплатени автори во Македонија, според извештаите за исплатата на тантиемите од ЗАМП...
Зар е тоа важно кога во најдобрата година земав некоиси 5.000 евра? А, годишно снимам 30-40 песни. До сега сум ги добивал сите можни награди, и како автор на поп-музика, и како автор на народната. Ете, за 20 години Валандово, на фестивалот имав 57 песни, од кои 48 беа наградени! Па, кога јас со целиот бекграунд поминувам така, како ли им е на другите? Колку за илустрација, за првиот голем хит на Тоше Усни на усни, од ЗАМП добив 200 денари. А, да бев на Запад ќе имав милиони.
Тоа Ве разгневува?
Ме растажува и воопшто не ми е убаво дури и кога можам на своето дете да му купам тоа што сака, а кога мојот сосед, кој е лекар или врвен новинар, тоа не може да си го дозволи...
Ве загрижува ли каде оди македонската фестивалска сцена, кога во годината кога се слави јубилејот – 25 години постоење Макфест – директорот Стојан Троицки дава оставка?
Макфест одигра историска улога за македонската музика. Тука постои след на нештата. Прво беа Скопските фестивали, потоа Макфест, па дури отпосле Охрид-фест. Стојан Троицки беше прв човек на Макфест и одлично го водеше фестивалот. Покажа извонредна амбиција и ентузијазам. Иако не е музичар, на Охрид-фест му беше доделена плакета за особен придонес во развојот на популарната музика. Но, луѓето овде забораваат дека е многу важна инвестицијата во луѓе кои имаат познавање и познанства. А, Столе го има тоа... Драго ми е што градот Штип го зеде фестивалот под свое, но јас лично на Троицки не би му ја прифатил оставката. Најпосле, не мора да биде директор, но треба да биде тука, во организацијата на фестивалот.
Годинава 17-тото издание на Охрид-фест - Охридски трубадури ќе се одржи од 25 до 28 август. Многумина забележуваат дека фестивалот е преобемен, дека фестивалската програма премногу трае, и дека тешко можат да ја следат и луѓето во публика, и оние пред малите екрани...
Јас го разбирам тоа, но постои една друга работа... Сакам од Охридски фестивал да направам Сан Ремо. Да не бидам погрешно сфатен, да не звучам претенциозно, но за наши прилики и во наши услови... Најпосле, која манифестација во изминативе 20-ина години излезе од границите на Македонија, како Охрид-фест? Што последниве три години беше поафирмативно од Охрид-фест? Најпосле, нека излезе некој и нека каже: За овој филм дадовме толку пари - толку вратил. За оваа претстава толку, за балет толку... Секаде во светот мерило на успехот е заработката. Па, зошто постојано би се вложувало во нешто што нема фидбек. А тоа никој од званичниците не го забележува, па Охрид-фест никогаш и нема добиено помош од државата, иако постојано упатуваме барање. Минимално, во рамките на своите можности, со максимум 5.000 евра ни помагаат градот и локалната самоуправа, но, да не ни се спонзорите, кои во рекламирањето наоѓаат свој интерес, ќе немаме фестивал.
За крај - се знае ли кој ќе биде главната ѕвезда на Охрид-фест 2010?
Се уште се преговара, но гарантирам дека ќе имаме фестивал кој е едно скалило подобар од ланскиот, а лани го имавме најдоброто издание од сите досега. Сепак, мене ми е најважно тоа што секој оној што како гостин некогаш бил на Охрид-фест, сака да дојде повторно.
Иван Беќковиќ Tea модерна
Датум:
08.05.2010.
|