Архангел 13. VI ‘09
Емоции и еуфорија на концертот на Архангел
Жестоко и еуфорично. Со многу емоции, солзи и многу носталгија... Но, со еден извонреден поглед кон иднината. И што е најважно, со најсилен и најдиректен допир на сегашноста, од уметничка, социјална и ако сакате, од политичка перспектива. Архангел по којзнае кој пат собра илјадници свои фанови, по којзнае кој пат направи концерт на сите времиња, по којзнае кој пат ги натера буквално сите наизуст, едногласно да ги пеат и рецитираат неповторливите строфи од прекрасната поезија на Ристо Вртев, ги натераа луѓето да плачат и да се радуваат.
Завчерашниот концерт на Архангел, најдобриот рок-состав на сите македонски времиња и невремиња, беше хепенинг на страст и еуфорија, на љубов без омраза, беше настан кој долго ќе се памети, беше концерт на кој се собраа илјадници луѓе без имиња и презимиња, кои само за момент си создадоа своја, сопствена нова вера, нова Библија...
Архангел настапи на скопското Кале, во рамките на петтиот интернационален мото-фестивал. Овој пат во постава збогатена со нови членови, и можеби најдобрата до сега. Или, најподготвената, најмоќната: лидерот на бендот, вокалистот Ристо Вртев, стариот член на Архангел, Драган Гиновски-Гино на гитара, и новите: Гоце Стефковски на тапани, Дарко Мучев-Мучо на бас и Емин Џијан на гитара и клавијатури. Архангел никогаш досега не звучеле така компактно, стегнато, толку енергично и со многу страст и желба за свирење.
Повеќе од два и пол часа, време што ги надминува сите вообичаени термини за еден концерт, па дури и во сферата на рокенролот, Вртев и неговата старо-нова дружина се навратија на сите култни, всушност, сите се култни и неповторливи, песни на групата, од сите досега издадени албуми - Архангел 1 и 2, Небесна машина, Харт кор, ги свиреа Илјада долари, Архангел, Златно жолто, Човек без име и презиме, Небесна машина, Заумна сила, Чудесен свет, Луна... Композиции кои одбележаа неколку македонски генерации, композиции чии уникатни мелодии со торжествен звук, но и со романтичен, лирски, не можат а да не ве допрат, не можат да ве остават рамнодушни, дури и да не побудат чувство на патриотизам, такво кое завчера се чини најмногу провејуваше низ реката фанови на Архангел.
А, лидерот на бендот, Ристо Вртев, кого го нарекуваат македонскиот Пабло Неруда, не случајно, зашто тој ја напиша најубавата, пред се, љубовна поезија на новата, современа генерација, овој пат во своето досега најзрело издание. Два и пол часа, без ниту една пауза, ги отпеа своите песни со голема страст, чисто, без замор, без зарипнат глас. И со многу емоции. Во еден момент и плачеше, обраќајќи и се на публиката со зборовите - ова е најтешката работа. Можеби затоа што уште еднаш, по голема пауза, пред себе виде толпа луѓе кои го сакаат и ја почитуваат неговата работа, можеби заради носталгичното навраќање кон, за многумина, некои подобри времиња, можеби... Со побелена коса, со имиџ сличен на оној кој го негува Дејвид Брн, на пример, елегантен, Ристо Вртев, поддржан од музичарите на бендот, повторно направи концерт на сите времиња. За пример како тоа треба да изгледа.
Во чест на мото-клубот Ноќни волци, Архангел ја изведе и новата песна И човек и волк, која во иднина ќе им биде химна на мотоциклистите. Пред нивниот настап, пак, настапија гевгеличаните Зијан, кои добро ја загреаја атмосферата со своите стари хитови.
Утрински весник
Датум:
15.06.2009.
|