Јаков Дренковски
Матка ја однесов во Дубаи, заедно со мојата душа
Меѓу две патувања за Дубаи, каде престојува заради приватни, семејни причини, Јаков Дренковски во својот град одржа незаборавен концерт, поинаков од сe што досега работеше. Проектот Јано мори, всушност, претставува негов одговор на актуелнава светска музичка сцена, без оглед што оваа песна, како и серија други, традиционални, според многу нешта веќе ја одбележаа неговата кариера. И неговиот живот!
Престојот во градот на иднината - Дубаи, само навидум го смени Јаков однадвор. Внатре, во душата, е истиот оној Јашо, кој отсекогаш го познававме. Љубовник на гитарата, на која и остана верен повеќе од три децении, пчелар, вљубеник во природата, укротител на Матка во деновите кога е најстудена, егзибиционист, боем, урбан трубадур, извонреден автор и музичар воопшто... На потенцијалните додавки на неговото име им нема крај, па некој ќе забележи дека токму во делото на Јаков Дренковски Македонија ги има своите Боб Дилан и Леонард Коен, споени во еден лик. Актуелниот концерт во Скопје, кој беше само најава за серијалот кој треба да се случува ова лето низ градовите на Македонија, е само еден од многуте поводи за разговор со Дренковски, кој со предумисла беше направен во просторот на култниот МКЦ, каде Јаков најчесто настапуваше...
Не дека изминативе година-две намаше активности - се капеше на Матка, кога на луѓето им беше студено и да излезат од дома, имаше настапи во рамките на Скопско лето - но, ќе забележам, проектот Јано мори, каде ти ги изведуваш исклучиво традиционалните песни со акустична гитара, е нешто најголемо до сега, ако се изземе објавувањето на твојот албум составен од 13 најголеми хитови, во финалето на 2007 година!
Тоа е точно, бидејќи секое мое појавување во јавноста луѓето го доживуваат како можност да слушнат некоја нова урбана приказна, кажана низ музиката која ја изведувам. Со овој проект се врзува еден долг временски период - песни кои некогаш сме ги пееле во потесен круг на семејството и пријателите. Преку тие традиционални македонски песни, песни на нашите интерни прослави, ги спојувавме душите. Но, во овој момент како да созреа овошјето, па со моите соработници дојдов на идеја да направиме еден убав избор на песни, со кои би можел да настапам пред поширокиот аудиториум. Затоа велам дека концептот Јано мори двои од настапи, кои до сега се случуваа на низа културни манифестации.
Луѓето кои те познаваат велат дека Јано мори и серија други песни, кои се дел од актуелниот проект, можеле да се случат и пред 10-15 години!? Тие беа дел од тебе и многу порано...
Собери ја кајсијата кога е најсочна, бидејќи тогаш е и највкусна. Чувствувам дека сега е вистинскиот момент сокот да го извадиме од овошјето. Сметам дека сега е моментот тоа мое чувство, кое го пренесував и на другите, несебично да им се даде и на многу поширок круг луѓе. Сите очекуваа Јаков да настапи со своја, авторска музика, но сега, токму сега, по 32 години работа, се решив за еден ваков, традиционален концепт.
Својата премиера Јано мори ја доживеа во рамките на Скопско лето. Дали програмата ќе ја слушне и остатокот на Македонија?
Иако ова беше правено наменски, за Скопско лето, во меѓувреме се јавија и заинтересирани од другите македонски градови, па веќе деновиве ќе настапам на Широк Сокак, во рамките на Бит-фест - Битолско културно лето. Секако, настапите ќе продолжат и во другите градови...

Какви се понатамошните твои амбиции со Јано мори. Дали е во план цеде, дивиди...?
Со луѓето кои се околу мене - Данаил Дарковски, Љубомир Грбевски, Кокан Димушевски..., веќе разговаравме дека би било штета ова да остане само видено од око, без да остане забележано на носач на звук или слика...
Впрочем, многу проекти во твојата кариера беа само видени од публиката, без потоа да станат публикувани...
Во право си! Поучени од тоа ангажиравме тим за снимање и аудио и видео дел. Па, доколку ги задоволат нашите стандарди, а не знам зошто не би ги задоволиле, тоа би го спакувале, и би го објавиле.
Заради семејни причини, во последниов период си бил многу оддалечен од дома, но повторно, кога ќе те слушнам како ги пееш нашите традиционални песни, не можам а да забележам дека Македонија никогаш не била толку длабоко во тебе како сега! Се согласуваш ли дека кај луѓето тоа чувство на силен национален сензибилитет најмногу е присутно кога се далеку од својот дом?
Ова е толку вистинито! Заради различни околности последниве десетина години не сум мрднал од градот или од државата, па сега кога се преселив на друг меридијан, тоа чувство силно ме обзема. Којзнае, можеби таа носталгија и себепреиспитување помогнаа ова што сега го работам со проектот Јано мори да звучи како што звучи?! Една наша песна вели: Кога си тргнав в туѓина... Можеби токму тогаш се отвораат некои други дијапазони, некои работи кои дома не ги ни забележуваш, а во странство силно ти недостасуваат. На такви работи никој не може да остане рамнодушен, па сликарите ги насликуваат своите најдобри дела, а музичарите најголемите песни. Најпосле, концептот Јано мори е создаден во Дубаи, а координиран и реализиран од и во Скопје. Но, којзнае, можеби еден ден ќе биде претставен и во Дубаи!?
Со кои очи, со која душа го доживеа Дубаи? Луѓето, кои го посетија тој град на иднината, симболично велат дека таму е веќе пристигната 3000 година?
Многу е точна таа констатација. Иако си го сакаме своето, убаво е кога можеме да видиме и еден нов, поинаков свет. Не дека него не го гледаме на странските ТВ-канали, но друго е кога со свои очи ќе го видиме тоа убавото. Затоа велам дека таму во технолошка смисла е веќе стасана 3000 година. Благодарение на човечкиот ум, кој создава големи дела, во Дубаи доживеав една нова епоха во времето, поинаква од оваа во која живееме сега. Но, освен светскиот Дубаи, каде има згради кои допираат до небото, постои и стариот дел на градот, кој има свои посебни убавини.

Колку во Дубаи ти недостасуваше твоето Скопје, МКЦ...?
Три дена не поминаа, а веќе го завртев телефонот да ги прашам другарите: Што правите? Како сте? Каде сте? А, тие ми велат: Еве, Јакове, пиеме пиво, заедно со тебе во мислите!. Ми беше мило што во Дубаи ги видов моите најблиски, но и ми беше жал за сe што оставив тука. Којзнае, можеби сета таа носталгичност доаѓа со годините?!
Во Дубаи живее твојата ќерка, твоите внуци... Колку таму ти недостасуваа Матка, пчелите, пријателите...
Матка ја однесов во Дубаи, заедно со мојата душа, додека пчелите ми доаѓаа на сон. Навистина! Но, благодарение на пријателите тука, ги оставив знаејќи дека се во сигурни раце. Најпосле, мене сe што ме опкружува на Матка, ми недостасуваше во Дубаи. Мојата задача во Дубаи беше чисто семејна, фамилијарна обврска, што всушност е мисија на сите родители. Таму заминав за да и помогнам на мојата ќерка околу нејзините деца - да ги однесам на училиште, да ги земам, да работам со нив. Всушност, јас најмногу се дружев со внуците - петгодишниот Филип, кој оди на училиште и тригодишниот Михаил, кој е уште мал за одење во школо. Додека бев во Дубаи, во Скопје се породи мојата помала ќерка, па кога се вратив ме пречека двомесечната Теа.
И таму музиката постојано беше околу тебе!
Понекогаш човекот кога има време повеќе од вообичаено, сака да биде комплетен, па и јас се опремив, во музичка смисла. Иако, мојата нова акустична гитара има една друга, поинаква приказна. Таа ми е подарок од еден нов, словенечки пријател Здравко... Еве што, всушност, се има случено: Еден ден мојот пријател Дарко, кој живее на Матка, ме викна да ме запознае со извесен Здравко од Словенија. Таман завршив со пчелите, и со гитарата се упатив накај Мечкина дупка, каде ме чекаше друштво. Во пријатна атмосфера малку се посрамив, бидејќи Здравко подобро ги знаеше нашите песни од нас, Македонците. Тогаш тој на подарок носеше прекрасна гитара за еден негов македонски пријател. На моето воодушевување кон инструментот ми кажа: Еден ден и ти ќе имаш таква гитара!. Тоа го разбрав како утеха - Животот ќе ти овозможи и ти еден ден да купиш ваква гитара. Но, веќе следниот пат, по месец и пол, уште од Љубљана рано наутро Здравко ми се јави за да ми закаже средба на Матка на крајот на денот. И повторно, се пееја македонските песни и мирисаа рибите на скара, кога тој со својот син отиде до колата од каде во прекрасна кутија ми донесе на подарок гитара од марка Тејлор, заради заедничките мигови минати со македонската музика. Бев пресреќен... Оттогаш, таа гитара стана мојот постојан придружник. Со мене беше дури во Дубаи, каде го подготвував проектот Јано мори. А, за сe да биде беспрекорно, таму се снабдив со нова, дополнителна сценска опрема...
Со кого најмногу контактираше во Дубаи?
Оттука појдов со убедување дека таму има многу повеќе Македонци, од реалната бројка на наши луѓе, кои таму навистина живеат. Имено, во целиот Емират има некаде околу 1.000 Македонци, додека во Дубаи нема повеќе од 800. Се работи за луѓе кои пред десетина години беа вработени во наши фирми во Македонија, па заминаа на работна задача таму. Од друга страна, постојат и оние кои од Македонија конкурирале и добиле работа во Дубаи. Но, и во двата случаја, се работи за луѓе со високо образование. Македонците во Дубаи, но и Балканците, доаѓаат во местото кое се вика Медина, каде има еден прекрасен трговски центар.
Кога е планирано следното заминување за Дубаи?
Веќе во септември, кога започнува нова учебна година, е моето следно заминување, а таму ќе бидам некаде до Нова година, кога почнува распуст. Внукот учи во арапско-англиско училиште, а и јас паралелно со него го учам арапскиот јазик. Прво ги совладав бројките, а сега работам на писмото. Малку ми е комплицирано, бидејќи ние пишуваме од лево кон десно, а тие обратно - од десно кон лево! Целата работа бара трпение, но мојата амбиција е барем да ја совладам азбуката...
Работиш ли на нов авторски материјал?
Никогаш не ја запоставив авторската работа. И во Дубаи Љубомир Грбевски ме хранеше со приказните, па новиот материјал веќе е подготвен. Само да созрее, и да го одбереме најдоброто...

Се наѕира ли во новиот материјал, некој нов Midnight cowboy, C’est la vie, Скитник...?
Не сакам да бидам самобендисан... Но, секоја нова песна е поинаква приказна. Времето ќе покаже дали ќе бидат рамо до рамо со песните кои ги спомна. Меѓу новите наслови се и еден Папарацо, еден Кловн... Сите нас, музичарите, нe допира таа приказна - постојано сме набљудувани од многу луѓе, од многу очи и души, но на крај остануваме сами.
Какво е чувството кон твоите песни од пред две-три децении, кои станаа антологија, а кои повторно и одново се наоѓаат во репертоарот на нови пејачи од сценава?
Да ми го поставеше прашањето пред 20-30 години, немаше да знам што да кажам. Не можев ниту да претпоставам дека може една песна толку да трае, да спои генерации. Мило ми е што и новите генерации се пронаоѓаат во романтичните делови од моите песни, што тие прекрасни зборови им ги допираат душите и срцата. Ова ме обврзува и идните дела да имаат иста доза на искреност и емотивност.
Жалиш ли за нешто во животот, нешто што си го работел, а не останало забележано. Само живее во сеќавањата...
Не сакам да жалам за ништо што поминало. Така требало да биде. Сега созреал моментот нешто да се случи...
Би истакнал ли како особено важно нешто од кариерата?
Тоа е несомнено рок-операта Житието на сликарот, која иако дојде до сериозна фаза на подготовка, од некои други причини, а не од уметнички, не ја виде светлината на денот. Тој проект и ден-денес одвреме-навреме нe задолжува, можеби еден ден повторно да се обидеме да го реализираме, бидејќи навистина вреди.
Останува ли твој круг луѓе и понатаму составен од Љубомир Грбевски - Џери, Данаил Дарковски, Кокан Димушевски, Зорица Поп-Панкова...?
Кога ми ги спомна сите тие луѓе, јас се наежив, иако секој ден сме заедно. Тоа наше пријателување не е само заради музиката. Ние сме заедно уште од деца. Со тек на време секој си го најде својот пат, во потрага по егзистенција. Но, сега знам дека во моментов тие се единствените на кои можам да се потпрам и да добијам искрен одговор, а не тапкање по раме и лицемерство. Тоа за секој автор е прекрасно, бидејќи има некого до себе кој знае да ја контролира својата самобендисаност. А сите, особено уметниците, знаат да бидат субјективни и егоцентрични. Со својот личен ангажман Данаил Дарковски и Кокан Димушевски придонесуваат проектот Јано мори да остане забележан на аудио-видео носач на звук, а не да падне во заборав.
Би било убаво Јано мори да ја слушне светот...
Би било прекрасно. Тоа е, всушност, мојата тенденција. Еве, преку интернет и други благодати на современата технологија, можеме брзо да го испратиме нашиот нов материјал насекаде во светот, па можеби некој и ќе нe покани да го претставиме подалеку од Македонија.
Дали си зависник од технологијата?
Не сум. Но, благодарение на најблиските, ги користам тие благодати. Но, кога бев во Дубаи, за сe во Македонија дознавав преку интернет и преку сателитска телевизија. Со најблиските пиев кафе и гледав наши вести на телевизија. А надвор, веќе на два метра, насекаде околу мене се протегаше Емиратот...
Иван Беќковиќ Tea модерна
Датум:
23.07.2010.
|