Сеќавање
По повод роденденот на Драган Ѓаконовски - Шпато
Драган Ѓаконовски – Шпато (11.03.1931), нашиот музички гениј, музичката легенда како што многумина со право го нарекуваат, е најкрупната и најзначајна личност за развојот на македонската забавна и џез музика.
Ѓаконовски се појавува во времето на почетоците на џезот и забавната музика кај нас, некаде во средината на 5-тата деценија на минатиот век, кога нашиот народ почнува да ја гради и слободно да ја артикулира својата современа автентична култура, тогаш кога на нашата музика и беше најпотребен.
Надарен со неверојатен, генијален талент, со невиден ентузијазам, пожртвуваност и со професионализам кој се граничел со фанатизам, Драган Ѓаконовски бескомпромисно и без задршка, целосно и се давал на музиката, на својата најголема љубов како што многупати и самиот ќе каже.
Без можност да стекне формално образование за стиловите што го привлекувале од најраната младост - џезот и забавната музика, но доволно музички писмен и наоружан со својот совршен (апсолутен) музички слух, Ѓаконовски, морал да тргне по најтешкиот пат кон откривањето на бескрајните тајни на компонирањето и особено на аранжирањето и оркестарцијата. Слушајки ги најголемите светски мајстори и симнувајки ги нивните дела на нотна хартија ги откривал правилата и законитостите на тие музички жанрови, истовремено изградувајки ја на тој начин и својата творечка личност која се одликува со оригиналност, естетика, инвентивност и изведувачкото мајсторство.
Слушајќи ја музиката на најголемите светски имиња Ѓаконовски си поставувал себе си, како и на неговите соработници: музичарите, оркестрите и пејачите највисоките критериуми, од кои ретко отстапувал. Затоа, и денес, со воодушевување ги слушаме извонредните изведби на на неговите партитури од ансамблите и оркестрите со кој раководел. Ги слушаме тие стари снимки често и со доза на чудење, прашувајки се при тоа како е можно тогаш, во тоа време, со толку скромен избор на квалитетни музичари, да се достигнат толку високи професионални изведувачки рамништа.
Драган Ѓаконовски оформил и раководел голем број оркестри,групи и ансамбли: Ритмичкиот секстет, Ритмичниот септет, Гудачкиот ансамбл, Забавниот оркестар и Биг бендот на МРТ, како и вокалниот квартет Импулси. Напишал над 3000 аранжмани и оркестрации и над 200 забавни и џез творби.
Најпознати вокални композиции му се: Лени, Зар вистина е крај, Последен ден на разделбата, Убава си како музика, Жолта есен, Молчи една долина, Глас од далечината, Те носам во себе, како и оркестарските: На игранка (неофицијално прогласена за прва македонска џез композиција), Гарача, Поздрав до оркестарот, Гермијан, Мими, Елегија за тромбон, Поздрав до А.К.Жобим, потоа музика за театарската претстава Сјајот и смртта на Хоакин Муриета, на текст од Пабло Неруда а во режија на Владимир Милчин и многу други.
Добитник е на бројни професионални награди а во текот на својот живот, кој прерано го завршил на 56 годишна возраст, подучувал голем број инструменталисти, пејачи и автори кои стекнувале неформални, но исклучително вредни знаења, што самиот ги стекнал низ долгиот процес на самообразование.
Драган Ѓаконовски - Шпато за време на неговиот живот а ниту по неговата смрт,за жал, нема добиено ниту една општествена награда или признание.
Ванчо Димитров
(текстот е преземен од сајтот на Здружението ШПАТО) |